Владата ќе формира координативно тело за промоција на историскиот настап на фудбалерите на ЕП 2021

Со оглед што спортистите, дефинитивно, се најголемите амбасадори на една држава, Владата на синоќешната седница донесе одлука да се вклучи во организацијата и промоцијата на историскиот настап на фудбалската репрезентација на Македонија на ЕП 2021.

За таа цел, формирано е Координативно тело, чија единствена задача ќе биде да помогне во што подобар настап на избраниците на селекторот Игор Ангеловски.

„Координативното тело има за цел да ја помогне организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на фудбалската репрезентација на Северна Македонија на ова европско натпреварување“, информираат од македонската Влада.

Македонија на ЕП 2021, кое ќе се игра од 11 јуни до 11 јули во повеќе европски градови, е во група со Австрија, Холандија и Украина. Нашите фудбалери два меча ќе одиграат во Букурешт, а еден во Амстердам.