Капело: Мурињо не може сам, Рома ќе мора да донесе играчи

Легендарниот италијански стратег Фабио Капело го поздрави доаѓањето на Жозе Мурињо во Рома, но и ѝ порача на управата на клубот дека ќе мора значително да го подобри играчкиот кадар.

Рома од лето ќе има одличен тренер на својата клупа, но за тимот да биде конкурентен како во Италија, така и во Европа, ќе мора драстично да го промени и составот.

Така смета и човекот кој на Рома ѝ го донесе скудетото во 2001 година, како и Суперкупот во 2002, Фабио Капело.

„Не е доволно само да се донесе одличен тренер за веднаш да очекувате резултати. Потребни ви се и добри играчи. Мурињо е навистина ценет и искусен тренер, и што е навистина важно, добро го познава фудбалот во Италија. Така да уште на стартот има олеснителна околност“, рече Капело говорејќи за La Presse.

Никој не очекуваше Мурињо толку брзо да најде нов клуб, а уште помалку тоа да биде Рома. Допрва ќе почнат разните шпекулации за тоа кои играчи ќе ја засилат Рома

„Рома е тежок предизвик, но тој си го знае занаетот. На навивачите на Рома им посакувам Мурињо да биде успешен како што претходно беше во Интер“, дополни тој.

Рома сезонава потфрли, дефинитивно отпадна од борбата за местата кои водат во Лигата на шампионите, а трите порази и ремито на последните четири натпревари направија да стравува и за 7. место кое води во Европа конференциската лига.

На играчкиот кадар дефинитивно ќе му биде потребен голем ремонт, Мурињо секако ќе сака да донесе неколку засилувања, но прашање е колку управата финансиски ќе му излезе во пресрет.