Индустриското производство во март со раст, за првите три месеци забележан пад

Индустриското производство во март годинава, во однос на истиот месец лани, бележи раст од 7,6 отсто, а за првите три месеци годинава во однос на првиот лански квартал, пад од 6,1 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во март 2021 година во однос на март 2020 година, бележи опаѓање од 2,3 отсто, во преработувачката индустрија бележи пораст од 6,2 проценти, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 31 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство кај прехранбени производи, текстил, хемикалии и хемиски производи, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 20,3 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,6 отсто, додека опаѓање бележи кај енергија за 1,9 отсто, капитални производи за 0,5 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 2,8 отсто.