Еврокомесарот Вархеји во посета на Скопје

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во рамки на неговата балканска турнеја ќе ја посети Северна Македонија, по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, споделени и финансирани од ЕУ. Заедно со Вархеји, во Скопје ќе допатува и австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.

Според најавата, еврокомесарот за проширување ќе оствари средба со премиерот Зоран Заев во Владата, по што заедно со Едштадлер и министерот за здравство Венко Филипче, ќе го посетат вакциналниот пункт во А1 СЦ Борис Трајковски.

По посетата на пунктот, како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе следуваат изјави за медиуми од страна на премиерот Заев, министерката Едштадлер и еврокомесарот Вархеји.

Австриската министерка Едштадлер, пак, средба и со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во рамките на возвратната посета на Скопје, по што ќе одржат прес-конференција.

Европската комисија и Австрија на 20-ти минатиот месец објавија дека вкупно 651.000 дози на вакцините „Фајзер“ ќе бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Северна Македонија.