Светска банка предвидува дека македонската економија следната година ќе се врати на ниво како пред пандемијата

Проекциите на Светска банка се дека следната година растот ќе биде 3,5 и дека се очекува закрепнување на македонската економија по историски најголемата рецесија од осамостојувањето и враќање на ниво како пред пандемијата.

Најновиот извештај на Светска банка за Западен Балкан, што денеска беше презентиран, покажува дека јавниот долг во земјава достигнал 60 проценти од БДП и се очекува тој да продолжи да расте, но со побавно темпо во однос на минатата година затоа што економијата е на пат кон закрепнување.

Враќањето на патеката на одржливост ќе биде висок приоритет на земјата, а на среден рок изгледите на земјава се позитивни, велат од Светска банка, од каде напоменуваат дека се уште постојат негативните ризици бидејќи пандемијата е присутна и ќе остане подолго доколку не се забрза вакцинацијата.

Оценката на Светска банка е дека одговорот на Владата бил навремен и со владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните е ублажено влијанието од кризата, но се препорачува да продолжи поддршката која треба да биде понасочена кон оние сектори на кои им е најпотребна бидејќи државата не располага со неограничени финансиски ресурси, а од друга страна веќе е забележително закрепнувањето во одредени сектори.