Заев: Околу 750 вработени според Рамковен договор веќе распоредени, директорите да не прават отпор

Околу 750 лица вработени според Рамковен договор се веќе распоредени по институции, 350-360 остануваат за дораспоредување, поради правни формалности, постапка за засновање работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција на друга, истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека верува дека сите институции ќе ја спроведат одлуката.

-Ако не им се работи, дали тие што се преземаат сега или што се досега вработени, треба да им се заблагодариме и да си одат дома. Испраќам, пред се, порака до Државниот инспекторат, кој е многу гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведливи самите одлуки, а не да водиме така да кажам јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба на никој, затоа што ова е нешто кое народот го очекува од кај нас, да нема вработен во јавната администрација кој зема плата, а не оди на работа, рече Заев.

Така што, потенцира премиерот, државата која што го вработила пред пет, седум, десет години, е должна да му обезбеди работно место и да го задолжи со работа тој вработен наш сограѓанин.