Дрекселмаер отвора нова производствена линија во Кавадарци и нов производствен погон во Куманово

Германската компанија „Дрекселмаер“ ќе инвестира 16 милиони евра во проширување на производството во постојниот капацитет во Кавадарци и во нова фабрика во Куманово и ќе отвори нови 1.000 работни места. За таа цел, денес во Владата беше потпишан договор за државна помош за поддршка на оваа инвестиција.

„Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на Мерцедес бенз Е класа во постоечкиот производствен погон во индустриската зона во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово, за потребите на нивните клиенти Мерцедес бенз и БМВ“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи по потпишување на договорот за државна помош.

Државата, како што нагласи вицепремиерот, ќе ја поддржи инвестицијата со ослободување од данок на личен доход за период од 10 години за новите вработувања, ослободување од данокот на добивка за период од 10 години за новите инвестиции, готовински грант во износ од 10 отсто од износот на оправданите инвестициски трошоци но не повеќе од еден милион евра на годишно ниво за максимум  пет години, готовински грант во износ од 2.000 евра по вработен за креирање на нови работни места за месечна нето плата за најмалку 50 отсто повисока од висината на минималната нето плата.