Борел: ЕУ е загрижена за здравствената состојба на Навални

Европската унија изрази „длабока загриженост“ за здравјето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој штрајкува со глад во затвор, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и повика на негово итно и безусловно ослободување.

Борел ги повика руските власти веднаш да му овозможат на Навални пристап до лекарска помош.

Апсењето и притворањето на Алексеј Навални е „од политички причини“ и е во спротивност со обврските на Русија да ги почитува човековите права, рече Борел.

„Случајот Навални не е изолиран и го потврдува негативниот тренд на намалување на просторот оставен на опозицијата, граѓанското општество и независните гласови во Русија“, додаде високиот европски функционер.

Навални (44) штрајкуваше со глад пред повеќе од три недели во знак на протест дека затворските власти не му дозволија да го прегледа приватен лекар, поради болки во грбот и губење на чувствителност на нозете.

Лекарот кој го прегледа Навални неодамна рече дека неговата здравствена состојба нагло се влошува.