Хотелите од Охрид и Струга со специјални попусти за српските туристи

Хотелите во Охрид и Струга од мај до октомври ќе понудат поевтини резервации до 20 отсто за туристите од Србија, во зависност од должината на престојот, соопшти Здружението на хотелиери на Северна Македонија (ХОТАМ).

Целта на хотелиерите во државата е да ги охрабрат српските туристи да го поминат летниот одмор на Охридското езеро, или на враќање од Грција да останат уште неколку дена, а не само да преноќат. Полупансион, со појадок и вечера во хотел со четири ѕвездички, ќе чини околу 25 евра, а досега, повеќе од 90 проценти од хотелите ја прифатија идејата за намалување на цените, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески и очекува поголема циркулација на гости оваа сезона.

Хотелиерите велат дека со оваа иницијатива сакаат да ја поддржат препораката на Владата за придобивки за граѓаните на Србија во знак на благодарност за бесплатните вакцини.