Спречен е атентат врз претседателот на Белорусија Александар Лукашенко

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) уапси две лица кои планираа да извршат воен удар во Белорусија на 9 мај и по тој повод да го убијат белорускиот претседател Александар Лукашенко, објави ФСБ.

Уапсени се Александар Федута од Белорусија и Јури Зенкович, кој има двојно државјанство.

Акцијата била спроведена во соработка со белорускиот комитет за државна безбедност и како што подоцна било утврдено, тие планирале да извршат воен удар според стандардното сценарио на обоени револуции со поддршка на локалните националисти.

Според белоруската страна, тие преку месенџер се решиле да организираат состанок во Москва со одредени белоруски генерали кои би биле вклучени во целиот процес.

Нивната цел, додава ФСБ, беше да го сменат уставниот поредок на земјата. ФСБ додава дека по апсењето, тие биле предадени на белоруската страна за обработка.