Мицкоски: Законот за јавно обвинителство не се донесе затоа што СДСМ сакаше корумпираните од СЈО да преминат во новото обвинителство

СЈО требаше да биде лулка на правдата, а стана дувло на корупцијата

Во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изрази револт и големо жалење за тоа каков е правосудниот систем во Република Македонија. Тој потенцираше дека сме сведоци на многу компромитирачки одлуки и пресуди, дека некои луѓе не одговараат за големи криминали, а некој лежи со години во затвор за минорни ситни прекршоци.

“Би сакал да напоменам дека правосудството во Република Македонија е на незавидно ниво. Она што се случува во Република Македонија скоро три години наназад е срамно за една држава која е претендент за членка на Европската унија. Се формираше СЈО за да има уште посилен мониторинг во однос на некои случаи кои беа актуелни за јавноста, но наместо мониторинг сведоци сме на можеби најголемиот криминал кој се случил во поновата историја. СЈО требаше да биде лулка на правдата, а прерасна во дувло на корупцијата. Тоа е жално и одговорност мора да има”, вели Мицкоски.

Судството во Република Македонија мора да добие нова димензија. Една држава може да гради европски перспективи врз основа на здраво правосудство без корупција. Тоа е она што и треба на нашата држава, а ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го испорача веднаш по 12-ти април 2020 кога ќе дојде обновата на Македонија, една од најважните работи на кои ќе се посветиме ќе бидат реформите во правосудството. Без правда, нема силна држава, истакна Мицкоски.

Тој истакна дека бил ученуван од Катица Јанева со цел пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат законот за СЈО, а за возврат да нема обвинение во врска со имотот на партијата, иако таквото обвинение беше подигнато по истекот на законскиот рок за покренувања обвиненија од страна на СЈО.

„Јанева и мене ме уценуваше, но никој не реагираше – тие се така научени, е кај мене нема така“

Исплатените хонорари во СЈО се кривично дело, но нема обвинител кој покренал истрага за ова

Ова криминално дувло на чело со осомничената Катица Јанева, како што спомена Мицкоски, била црвена линија на СДСМ и Зоран Заев во речиси целиот тек на преговорите за новиот Закон за јавното обвинителство.

Мицкоски потенцираше дека опозицијата во повеќе наврати и посочувала на власта за злоупотребите кои се случувале во обвинителството на Јанева, а како класичен пример за тоа ги спомена милионските хонорари кои им биле исплаќани на обвинителите во СЈО. Со закон е регулирано колкав е процентот на бонус кој вработените во администрацијата можат да го земат, додаде тој напоменувајќи дека дозволената сума е до 35 проценти од платата, а тие земале и по 6 илјади евра во еден месец, но тоа ниту еден обвинител не го истражува.

-СДСМ сакаше со закон да се формира ново обвинителство за организиран криминал и висока корупција каде што овие обвинители од СЈО би прешле и практично би го воделе тоа обвинителство, ние рековме немојте има злоупотреби луѓето не се чисти. Не, тоа беше нивната црвена линија, крајна позиција, вели Мицкоски.

-Видовте колкави хонорари биле исплаќани за што биле исплаќани и сето тоа се кривични дела, тоа не е објаснување. Еден обвинител не покренува постапка за примање наградата надвор од законски дозволената сума, до 35 проценти им следува. Тие земале по 5 по 6 илјади евра месечно. Никој денеска, кажете ми еден обвинител кој што покренал, еве, барем сомневање. Проблемот е што не треба ние политичарите да ги провоцираме, треба да ги следат законите Уставот и правдата. Тие за тоа се платени од нас граѓаните, истакна тој.