Докиќ: Кај оние кои биле релативно добри, после две недели може да им се влоши состојбата со можна смрт

Според проф.др. Дејан Докиќ вирулентноста на британскиот сој на коронавирусот кој доминира во земјава заедно со индивидуалната способност на имуниот систем, потоа факторот на возраста и коморбидитетните состојби, се причина за високата смртност.

-Смртноста кај нас во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти. Во европски рамки е од 22 до 30, значи ние се наоѓаме некаде на средина од оние бројки коишто се во другите европски земји. Од тие што починале повеќе биле мажи. Старосната група на оние што починале најголем број се меѓу 70 и 80 години, па потоа меѓу 60 и 70, значи не е изненадувачки. Во однос на коморбидни состојби кај тие што починале во најголем процент била застапена хипертензијата или покачениот крвен притисок, па потоа следат кардиоваскуларните заболувања, па дијабетесот, обезноста, респираторните болести, бубрежни болести итн. Тоа се оние статистики коишто ние ги имаме и варијаблата која што е предиктор на смртта е сатурацијата на крвта со кислород на прием. Колку е пониска толку е поголема шансата да умре пациентот. Сите овие состојби заедно со вирулентноста на вирусот придонесуваат да имаме една ваква смртност, рече Докиќ во гостувањето  на Тема на денот на Сител Телевизија.

Тој воедно, подвлекува дека карактеристично за овој мутиран вид на вирусот е што ги напаѓа помладите, а компликаците и влошувања се јавуваат подоцна. Причина за смртноста кај нив се можни проблеми, дефекти на имунолошкиот систем кој не може да се избори со вирусот.

-Оние што пред две недели биле релативно добри, после две недели настанува влошување со можна смрт. Овие бројки сега се одраз на она што се случувало пред две недели. Сега со намалување на бројката, мерките дополнително тоа ќе го подобрат, тие бројки верувам  дека за две недели ќе опаднат, наведе Докиќ.