Колку е Владата искрена со ветувањата дадени на „Зелениот фронт“?

Минатата недела Владата на својата официјална веб страна објави соопшение во кое наведува дека ги прифаќа сите 7 првични барања на „Марш за чист воздух“ и ја реафирмира поканата за средба. Ова е дел од соопштението и барањата од организаторите на Марш за чист воздух и Зелениот фронт.

Со целосна почит за исклучителната важност на темите што ги загрижуваат сите граѓани во земјата, особено оние од најпогодените градови, Владата со внимание ги прифати и разгледа барањата кои ги поставија организаторите на „Марш за чист воздух“ како услов за одржување на средба и ја подготви оваа информација која ги опфаќа сите наведени точки, истакнаа во соопштението од Владата.

 

Ви ги пренесуваме ветувањата на владата дадени на Зелениот фронт и нивниот степен на реализација до денес:

  1. Указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште
  • не е реализирано

2. ЈО да отвори истрага за Охис и за палење на кабли во Скопје

  •  не е реализирано

3. Да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја

Владата вети дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина, ќе биде ставен како точка на седница на 10-ти декември 2019 (вторник), а потоа и на усвојување во Собранието на Северна Македонија.

  •  сеуште не е ставен законот на седница на влада, ниту пак таков закон е поднесен до Собранието.

4. Стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци.

Владата го прифаќа вашето барање и ги стопира усогласувањата.

Но, сепак на 4 декември во Собраниска процедура доставени се 7 закони од областа на животната средина за усогласување.

не е реализирано, а законите се во процедура само за усогласување со Законот за прекршоците и Законот за инспекциски надзор.

5. Поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.

  •  не е реализирано

6. Одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука.

  •  реализирано.

7. Одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.

Предлогот се прифаќа и Владата се обврзува да ја донесе оваа одлука најдоцна до 17.12.2019.

  • не е реализирано.

 

Од друга страна, едно од проиритетните барања на протестите за чист воздух кои се одржаа на 29 ноември, беше, да престане усогласувањето на законите од областа на животната средина, здравјето, бучавата и слично, со законот за прекршоци.

Премиерот Заев им вети на здруженијата на граѓани дека нема да ги намали прекршочните казни за оние кои намерно загадуваат во животната средина, но со усоглсувањата со законот за прекршоците ваквите казни се намалуваат.

Но, сепак Владата и покрај тврдењето дека ќе ги стопира сите усогласувања на законите со законот за прекршоци, на дневен ред на пленарна седница на Собранието, закажана за 23 декември се најдоа 7 закони од областа на животната средина кои се усогласуваат со Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надозор.

Овие законски решенија предвидуваат намалување на прекршочните казни за загадувачите и за сите оние кои ќе постапат спротивно на одредбите на законите со кои се уредуваа материјата за заштита на животната средина.

Законот за прекршоци  предвидува намалување на глобите за физичките лица за 75%. Со новото решение минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, за број на вработени и за претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Во Законот првпат се прави градација помеѓу малите, средните и големите претпријатија.

Закони кои што ќе се усогласат во понеделник со Законот за прекршоци се следниве:

1.  Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори – I читање; 

2. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување – I читање; 

3. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за генетски модифицирани организми – I читање; 

4. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за водите – I читање; 

5. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата – I читање; 

6. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини – I читање; 

7. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита од бучава во животната средина – I читање;

Во образложенијата на законите кои ќе се усоглсуваат наведенено е следново:

„Распонот на глобите е изразен во рамките на предвидената можност за изрекување на трикратен износ од општите глоби за дела против животната средина, во согласност со Законот за прекршоци. Со тоа ќе се овозможи изрекувањето на глобите, водењето на прекршочната постапка и нивната наплата.

Покрај тоа, со сразмерното утврдување на износот на глобата, ќе се овозможи правична наплата, додека истовремено се обезбедува превентивниот ефект на казните.

… во насока на утврдување на нови износи на глоби за прекршоците сторени од страна на физички и правни лица согласно лимитите предвидени во Законот за прекршоците “

Р.К.