Албанскиот парламент усвои спорни закони за медиуми

Албанскиот парламент усвои пакет закони против клевета со кој се изрекуваат високи казни за интернет порталите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.

Пакетот беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новински организации и невладини организации, кои го повикаа парламентот да ги отфрли новите закони предложени од владата, велејќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и дека прават судир со меѓународните принципи.

Премиерот Еди Рама рече дека целта на усвојувањето на двата нови закони е борба против лажните вести и да бидат целосно во согласност со меѓународните стандарди.

„Наша цел е да поставиме стандарди на начин што ќе ги почитуваме човековите права“, рече Рама, додавајќи дека владата соработувала тесно со ОБСЕ за изготвување на законот.

Харлем Дезир, портпаролот на ОБСЕ за слобода на медиуми, рече дека нацрт-законот сè уште треба да се работи во делот на намалување на можните казни за објавување наводни лажни вести, со оглед дека казните се до 16 000 евра.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, вчера во изјава рече дека „пакетот закони за клевета“ треба итно да се подобри, бидејќи неколку одредби не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за почитување на човековите права и слободи на медиумите.

Законот предвидува да се регистрираат сите мрежни медиуми, а две јавни агенции се овластени да изрекуваат високи казни на нерегистрирани медиуми.

Мијатовиќ, исто така, изрази загриженост за „дискрецијата“ дадена на овие агенции, кои можат да изречат високи казни и да блокираат медиумски страници без судски налог, и воведување државна контрола врз интернет медиумите.

Петнаесет новинари и граѓански организации ги повикаа пратениците да го отфрлат  законот, велејќи дека „се заканува слобода на изразување и слобода на медиумите во земјата и е во спротивност со меѓународните принципи“.

Новинарите кои протестираат најавија жалба до Уставниот суд доколку предложениот пакет мерки добие поддршка во парламентот.