Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во фејсбук статус напиша дека добил повеќе неформални информации дека луѓе пратени од Зоран Заев, вршат притисок за точката која се однесува на оценка за уставноста на амнестијата да се стави за точка на дневен ред на денешната седница на Уставниот суд.
Тој потсети дека Претседателот на Уставниот суд е избран на должноста во периодот додека Зоран Заев е премиер.
Тој запраша дали одбивањето на СДСМ да гласа за автентично толкување на членови од Законот за амнестија кое самите го предложија, е увертира во игранките за идна амнестија?
„Играњето дупло, не е моја игра, сакам да бидеме на јасно, Зоран Заев е единствениот актуелен политичар кој беше амнестиран, но очигледно е и главниот кој е заинтересиран за некоја идна амнестија поради актуелните афери, што би му ја испорачал Пендаровски.“
Мицкоски напиша дека Заев сѐ уште молчи за предлогот да има забрана за амнестија на политичари и амнестирани лица да не се занимаваат со политика. Според него молкот кажува дека Заев е лично засегнат и од двата предлога.
Притисоците врз Уставниот суд, со потпис на Заев нема да овозможат амнестија која ќе ја попречи правдата за криминалците. Тоа треба да го знае секој, сега и во иднина. Компромиси со правдата нема да има. А власта која мисли дека може да ја изигра, многу брзо ќе се соочи со одговорност за кршењето на законите, напипша Мицкоски на фејсбук.