Алаѓозовски на средба со претставници на влашката заедница: Едногласна поддршка за спроведување на пописот како алатка за креирање на правични политики

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска со претставници на влашката заедница разговараше за значењето на спроведувањето на успешен Попис 2021, во насока на заложбите на Владата за остварување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година и Акцискиот план.

Со оваа средба се заокружува серијата на разговори со сите немнозински заедници во нашата држава.

Посочувајќи дека претстојниот Попис е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите од преземање мерки во поглед на подобрување на квалитетот на живот на сите категории граѓани упати порака за потребата од широка поддршка од сите заедници.

На состанокот, присуствуваше Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика која се осврна на тековните активности за спроведување на пописот, со посебен акцент на здравствениот протокол, со што се гарантира безбедноста и на попишувачите и на граѓаните при целиот процес. Тоа подразбира носење маски, одржување дистанца и обезбедување на средства за дезинфекција.

Учесниците на состанокот, се согласија дека спроведувањето на успешен Попис е важен сегмент и едногласно упатија порака дека е многу важно секој граѓанин да учествува и да се попише и само така ќе се добијат податоците за демографската, образовната, социјалната структура, што понатаму значи добивање на бројки, кои подоцна ќе помогнат за планирање и економски развој.

Координаторката Ѓоргиева одговараше на прашања поврзани со спроведувањето на Пописот, конкретно при попишувањето на можноста за користење на седум јазици предвидени во Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански, со детали за техниката на попишувањето.

Присутните изразија задоволство во поглед на констатацијата дека Пописот е статистичка обемна операција, организирана според светски стандарди, која гарантира безбедност на сите лични податоци.

На состанокот, беше констатирано дека Пописот, особено е важен за припадниците на влашката заедница, дека е крајно време и не смее ни ден повеќе да се чека за да се обезбедат статистички податоци во насока на целосно имплементирање на заложбата на Владата за „Едно општество, еднакво за сите“.