Вучиќ: Србија има нарачано скоро 15 милиони вакцини

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повика сите граѓани, а пред се постарите лица, да се вакцинираат и да не ги слушаат оние кои ја водат кампањата против вакцинацијата, бидејќи, како што рече, тоа го прават за свои интереси и придобивки.

Вучиќ на прес-конференцијата по седницата на Советот за национална безбедност рече дека Србија досега нарачала 14.832.200 вакцини, а два лека против коронавирусот ќе пристигнат на почетокот на април и мај.

Тој рече дека Србија набавила вкупно 2.620.000 вакцини против коронавирусот и дека досега 105.000 лица биле вакцинирани со вакцината Пфајзер, 729.000 лица примиле кинеска вакцина, 103.257 руска вакцина, а 88.000 лица биле вакцинирани со Астразенека.

„Најголем процент на вакцинирани е онаму каде живеат најбогатите, а најмал каде живеат најсиромашните“, рече Вучиќ, но исто така посочи дека огромен број луѓе над 75 години сè уште не биле вакцинирани и ги повика да не слушаат лажни вести против вакцинација.