Демократски сојуз, ВМРО-НП, ЛДП, Левица и СДСМ предложија законски измени за една изборна единица

Ќе изгубат и СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но добива демократијата. Една изборна единица е предизборно ветување, и дава поголема шанса за рамноправност и застапеност во самиот Парламент.

– Губат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, најверојатно и Алијанса, но добива државата, добива демократијата и даваме поддршка на консензуално носење на Изборен законик. Традицијата во нашата земја е дека се прават напори секогаш заради рамноправно учество на сите во изборниот процес по пат на консензус да се носи Изборниот законик, изјави премиерот Зоран Заев, кој најави поддршка за измените во Изборниот законик.

Помалите партии за ова прашање очекуваат консензус, но засега е неизвесно дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе дадат поддршка за законските измени, кои веќе се во собраниска процедура. Пратениците од Демократски сојуз, Левица, ВМРО-НП, ЛДП и СДСМ вчера до Собранието поднесоа Предлог закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, со кој се предвидува Македонија да биде една изборна единица на следните парламентарни избори наместо шесте изборни единици во кои досега се бираа пратеници.

-Се предвидува Македонија да биде една изборна единица, да остане пропорционален модел, да нема изборен праг, и пресметката на пратеници да се одвива преку Донтовиот количник, изјави Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Трајанов смета дека со овие измени дефинитивно ќе се демонтира еднопартиското владеење во нашата држава, а Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните. Доколку се обединат сите пратеници кои не сме од големите партии СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, Трајанов вели дека овој процес може да заврши успешно.

Доколку законот дојде во втора фаза, претседателот на Демократски сојуз рече дека во законот ќе се вгради и предлогот соодносот жени – мажи на листите да биде 50:50.

Пратеникот Панчо Минов го искажа ставот на СДСМ, посочувајќи дека ова прашање за една изборна единица е дел од ветувањето на владејачката партија и дел од владината програма.

-Нашиот став е недвосмислен дека во интерес на демократијата и парламентаризмот е дека пообјективност во делот на застапување на граѓаните е во случајот со РМ како модел што во исто време ќе значи поправична застапеност на субјектите што ќе учествуваат во изборниот процес исто така застапеност на помалите со соодветен праг, рече Минов.

И Левица на Димитар Апасиев се приклучува кон оваа иницијатива за една изборна единица. Според нивните пресметки, Левица на минатите парламентарни избори била оштетена со тројца пратеници. Апасиев апелираше до сите пратеници да ги прифатат измените бидејќи тие придонесуваат за демократизација на општеството.