Креиравме социјална реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани. Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти, а истовремено обезбедуваме помош и поддршка за вработување. Многу ми е драго што 6 месеци по спроведување на социјалната реформа веќе 370 од корисниците се вработени. Што значи дека овие наши сограѓани се на пат трајно да излезат од сиромаштија, да престанат да зависат од државата, да се грижат сами за себе, за своите семејства и активно да придонесуваат за општеството, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Во моментот вкупно 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход, над 27.000 деца земаат детски додаток, а повеќе од 8 и пол илјади деца примаат образовен додаток. Со овие додатоци ги стимулираме децата преку образование да го прекинат ланецот на сиромаштија, со цел да овозможиме подобар, поквалитетен живот за идните генерации, рече таа.
Царовска потенцира дека со социјалната пензија или државната пензија веќе опфативме над 4 илјади корисници. Исто така, згриживме 12 илјади стечајни работници. Сите тие добиваат над 8.000 денари месечно, се до нивното пензионирање.
Ги зголемуваме и платите и пензиите, обезбедуваме поквалитетен живот за сите граѓани. За само две и пол години минималната плата ја зголемивме за 5.500 денари, а пензиите пораснаа за повеќе од 1.700 денари. Со пензиската реформа го стабилизираме пензискиот фонд и создадовме услови пензиите да го следат економскиот и растот на платите. Од следната година пензионерите ќе добијат за околу 900 денари повисока пензија, 700 денари според законското зголемување и 160-200 денари со усогласување со трошоците за живот, истакна Царовска.