Азески: Со кочење на економските закони пратениците удираат по компаниите

Парламентарните партии да ги изгласаат економските закони, апелираше вчера претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на работната средба на претставници на Комората со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и со министерот за финансии Фатмир Бесими.

– Секое кочење на законите значи сериозен удар за стопанството и компаниите. Опозицијата и другите партии да имаат предвид дека за бизнисот е важен секој денар и секој ден, особено во ваква ситуација, како што е актуелната со ковидот, рече тој и додаде дека во владата има добра волја, но со кочењето во Собранието се создаваат лоши импути врз економската позиција на компаниите.

Вицепремиерот Битиќи потенцира дека Владата нема никаква моќ во врска со тоа зашто Собранието е независно. Тој рече дека законското решение за финансиска помош на компаниите за плати до Собранието е доставено пред 15 дена, а поучена од досегашните лоши искуства, зашто не се донесени ни некои закони поднесени уште во ноември и декември, Владата во овој закон предвидела компаниите да можат да аплицираат низ цел март.

– За жал, извршната власт до одреден сегмент може да направи притисок. Собрание е независно, пратеничките групи одлучуваат кога ќе се направи кворум. Се надевам дека доблеста на пратениците ќе биде поголема од нивните дневнополитички агенди. Нема друг модалитет како може да се одговори. Ако тоа не се случи навистина ќе жалам, но мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде поголема од дневнополитичките агенди, рече Битиќи.

На вчерашната средба во Комората серазговараше за тоа до каде е реализацијата на прифатените барања на бизнис заедницата. Едно од нив е новиот Царински тарифник чија драфт-верзија, според министерот Бесими,треба да излезе до крајот на месецов, додека драфтот за даночниот календар може да се очекува следната недела.

-Ние мандатот на оваа Влада го почнавме со лош резултат за нас и ние на секоја средба со Бесими го гледаме тој резултат. Од поднесените барања 50 отсто беа одбиени, а 10 отсто беа прифатени, но имаше појадок како утешна награда. Сега, на последната средба, немаше појадок, имаше само кисела вода, но барањата во однос на прифаќањето се 50:50, рече Азески.

Извор: Вечер