Пендаровски: Бугарија се меша во внатрешните работи на Македонија

По средбата на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на безбедносните служби со цел „да се преземат соодветни мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои се цел на напади“, се огласија и од Кабинетот на претседателот на државава Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски смета дека крајно невообичаено и секако надвор од внатрешите процедури на Алијансата е тоа претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓаните во друга-земја членка на НАТО.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, се вели во реакцијата.

Од Кабинетот појаснуваат дека до овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

„Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи“, велат од Кабинетот на шефот на државата.

Повод за средбата е писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добило од Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола и од други граѓани на Северна Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари