Заев за изјавата на Радев: Ние сме сојузници во НАТО, недозволиво е мешање во внатрешните работи

Премиерот Зоран Заев порача дека државата секогаш знаела да даде одговор на какви било загрижености и не ни треба испраќање на какви било разузнавачки служби, во контекст на изјавата на Бугарскиот претседател Румен Радев кој побарал преземат мерки за да за заштитат Бугарите во Северна Македонија/

Ваквиот негов коментар доаѓа откако вчера од Бугарија стигна информација дека бугарскиот претседател Румен Радев на средба со шефови на специјалните служби побарал да се преземат мерки за да за заштитат Бугарите во Северна Македонија.

„Испраќам силна порака до соседна Бугарија која гледам дека претседателот Радев свикал состанок, да бидеме внимателни затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за која било нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор за наша загриженост. Да не потпаѓаме под какви било инсинуации или неточни информации, секој пат можеме да ги провериме. Ние сме земји – членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на не знам какви разузнавачки служби да ги утврдат правата на граѓаните. Таман работа, правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам така е и во Бугарија и во цела Европа“, изјави Заев.

Тој исто така, потсети и дека со Договорот за пријателство и добрососедство двете земји се декларирале за немешање во внатрешните работи на другата земја, но и оти се оди и понатаму – да нема мешање во прашањата за малцинствата.