На синоќешната дебата на 24 Вести партиите ги спротивставија своите мислење околу Изборниот законик и изборните модели.
Дамјан Манчевски од СДСМ смета дека не треба да се прави калкулација со гласот на граѓаните. Тие како што вели треба да одлучат кој треба да седне во Собранието и кому да го дадат својот глас. Според Манчевски секој глас треба да се преиспитува и овој модел ќе донесе поголема застапеност на сите партии.
Ние ветивме дека ќе има една изборна единица и отворени листи. Тоа е најкристална форма на демократијата, секој глас се важи, секој друг модел на некој начин одредени гласови ги пуштаат во ветер, вели министерот за информатичко општество и администрација.
Тој вели дека СДСМ решила да не прави калкулации и да се отворат пред граѓаните и помалите партии.
Со оглед на тоа дека по ова прашање немаат исти ставови со ДУИ, Манчевски истакна дека коалицијата е стабилна и дека нема никакви проблеми помеѓу овие две партии.
Влатко Ѓорчев вели дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за мнозински изборен модел по принципот на Велика Британија. На овој начин вели ќе се обезбеди стабилна демократија и репрезентативност од изборниот процес. Според него пропорционален модел со 23 политички партии не носи ефекти. Со една изборна единица може да се случи после изборите да не може да се формира влада и да нема функционална демократија.
Измените во изборниот модел кои се предлог на Иницијативата на група пратеници треба да добијат поддршка од партиите – вели пратеничката Маја Морачанин.
Според неа пропорционалниот модел е современ демократски и повеќето членки во ЕУ го употребуваат. Сепак членови на повеќето политички партии кои ја поддржаа Иницијативата во Собранието, сакаат поголема застапеност на повеќе политички партии и тие да имаат свои претставници кои ќе ги бираат граѓаните.
Артан Груби од ДУИ вели дека под никакви околности не постои сојуз помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДИУ или комуникација за изборниот модел. Додава дека двете партии имаат дијаметрално спротивни ставови.
„Ние сакаме шест изборни единици, бидејќи прагот во шестата изборна единица надминува 8 отсто. Иницијативата не дојде од СДСМ ниту е дел од заедничката владина програма, туку од помалите политички партии. Имаме различни гледишта како сакаме да ги видиме изборите. На кратко време пред изборите сметаме дека е несериозно да правиме модел на една изборна единици со то може да постои опасност да не може да се формира Влада ниту да функционира Собранието.” – потенцира Груби.