Вакцината со една доза на „Џонсон и Џонсон“ одобрена за употреба во САД

Вакцината против Ковид-19 на производителот „Џонсон и Џонсон“ доби официјално одобрување од регулаторите на САД, со што стана трет вид вакцина достапна во земјата.

Одобрувањето беше дадено еден ден откако одборот на независни експерти го достави одобрението за вакцината до Агенцијата за храна и лекови (ФДА).

Тоа одобрување е дополнителен поттик за напорите за вакцинација во САД кои се забрзуваат по бавното воведување. Околу 47,2 милиони луѓе примиле барем една доза од вакцина против Ковид-19, објавија во петокот Центрите за контрола и превенција на болести.

„Џонсон и Џонсон“ објавија дека 20 милиони дози ќе бидат доставени до САД до крајот на март. Компанијата планира да испорача 100 милиони дози во текот на првата половина на 2021 година.

Дозите на вакцината може да се чуваат во стандарден фрижидер, за разлика од екстремно студените услови во кои се чуваат другите две вакцини на Модерна и Пфајзер/БиоНТек.

Глобалното клиничко испитување покажа дека вакцините на Џонсон и Џонсон биле 66 проценти ефикасни во спречување на различни верзии на коронавирусот. Имаше 85 проценти ефикасност во заштитата од тешки случаи.

Фармацевтската компанија поднесе апликација за одобрување на вакцината во Европската унија во средината на февруари, а одлуката се очекува во март. Оваа вакцина со единечна доза ќе биде четврта одобрена во ЕУ доколку добие зелено светло од агенцијата со седиште во Амстердам, пренесува Н1.