Почина градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ

Градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ, почина ненадејно рано утрово на 66-годишна возраст како резултат на срцев удар, објави Службата за информации на градот Загреб.

Јавноста ќе биде информирана за деталите, датумот на погребот, комеморацијата и други информации подоцна, пренесе агенцијата Хина.

„Тој живееше за својот град, за граѓаните на Загреб кои беа на прво место во сè што направи, за работата што ја заврши со љубов и енергија, давајќи се од себе 21 година“, се вели во соопштението.

Во јуни 2017 година, како кандидат на Партијата за труд и солидарност Бандиќ Милан 365, по шести пат беше избран за градоначалник на Загреб, а таа партија освои најголем број места во Градското собрание.

Тој беше член на градското собрание на Загреб од 1995 до 2000 година, а потоа беше член на парламентот, потпретседател на парламентарниот комитет за внатрешна политика и национална безбедност.