Грција дополнително ги заостри рестрикциите за влез во земјата

Грција дополнително ги зајакнува мерките за заштита од коронавирусот на граничните премини Евзони со Северна Македонија и Какавиа со Албанија, кои ќе работат од 7 до 19 часот, наместо до 23 часот, а дневно ќе биде дозволено да поминат најмногу 400 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките, попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека „за да избегне дополнително ширење на вирусот од копнените влезни точки, од понеделник 1 март во 6 часот наутро до понеделник 15 март во 6 часот наутро”, се воведуваат рестрикциите.

На граничните премини, на сите задолжително ќе им се прави рапид тест, вклучително и на возачите на камионите, при позитивен резултат нема да биде дозволен влез, а за сите, останува обврската за потврда за негативен ПЦР тест, но и задолжителен домашен карантин од 14, наместо седум дена како што беше досега.