Во Унгарија влошена состојбата со коронавирусот – продолжена вонредната состојба

Унгарскиот парламент во понеделникот одобри продолжување на вонредната состојба за уште 90 дена поради пандемијата на коронавирусот, за кое време властите можат да преземат мерки како што е полицискиот час.

На гласањето во понеделникот вечерта, 133 пратеници од десното мнозинство гласаа за, а 55 беа против продолжувањето, јавуваат медиумите.

Ова е втор пат владата на премиерот Виктор Орбан да ја продолжи вонредната состојба, откако за првпат беше прогласена во ноември на 15 дена. Тогаш опозицијата гласаше за.

Оние што се спротивставија на продолжувањето во понеделникот, тврдат дека Орбан ги злоупотребува своите овластувања, дозволувајќи ширење на корупцијата и укинување на независноста на универзитетот.

Вонредната состојба им дозволува на властите да затвораат ресторани и културни институции и да воведат полициски час од 20 до 5 часот наутро.

Ситуацијата на коронавирусот во Унгарија неодамна се влоши. Властите во понеделникот пријавија 2.623 нови случаи на инфекција, што е скоро двојно повеќе од минатата недела.

4,5 илјади луѓе беа хоспитализирани во понеделникот, 606 повеќе од минатата недела.