Во САД знамињата на половина копје: Скоро половина милион починаа од Ковид-19

САД се приближија на половина милион смртни случаи од коронавирусот во понеделникот, поради што Белата куќа им оддаде почит со спуштање на знамињата на половина копје, но добриот напредок со вакцинирањето влева надеж.

Во јануари, ден пред Џо Бајден да го преземе претседателското место, за кого борбата против епидемијата беше несомнен приоритет на почетокот на неговиот мандат, земјата имаше повеќе од 400.000 смртни случаи.

Една година по веста за смртта на првата жртва на вирусот во САД, на 29 февруари 2020 година, бројот на мртви може да надмине 500.000 овие денови, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.

„Половина милион! Тоа е скоро 70.000 повеќе од сите убиени Американци во Втората светска војна“, изрази Бајден жалење во петокот.

Претседателот Бајден и потпретседателката Камала Харис во понеделникот вечерта по американско време оддадоа едноминутно молчење за да им оддадат почит на починатите од коронавирусот.

„Не сме виделе вакво нешто повеќе од сто години, од пандемијата во 1918 година“, „ова е нешто што ќе остане во историјата“ рече имунологот Ентони Фаучи, советник на американскиот претседател Џо Бајден.

Според наредбата на Бајден, знамињата на сојузните згради се спуштени на половина копје и така ќе останат пет дена.

Сегашното темпо на вакцинација во САД (1,7 милиони инјекции на ден во просек) влева надеж. „Мислам дека ќе се вратиме во нормала до крајот на годината“, рече  Бајден во петокот.

Повеќе од 43,6 милиони луѓе примиле барем една доза од двете вакцини одобрени во САД, а 18,8 милиони ги примиле двете дози.

Џо Бајден рече дека до крајот на јули ќе бидат достапни 600 милиони дози, што е доволно за вакцинирање на населението како целина.