Балашевиќ ќе биде погребан денес, Нови Сад прогласи ден на жалост

Иако првично беше најавено дека Ѓорѓе Балашевиќ ќе биде погребан утре, понеделник, семејството одлучи да го испрати на вечно почивање познатиот кантавтор денес, на 21 февруари, како што се дознава неофицијално, пренесува Мондо.

Исто така, се наведува дека на погребот ќе присуствуваат само семејството и најблиските пријатели.

Денешниот датум 21 февруари е прогласен за Ден на жалост на територијата на Нови Сад, одлучи градоначалникот Милош Вучевиќ.

“Ги исклучивме светлата во Градското собрание со цел да изразиме болка и тага со семејството. Ова е тежок момент за семејството Балашевиќ, но и за целиот град, држава и регион”, рече Вучевиќ.

Претходно, Вучевиќ објави дека денот на погребот ќе биде прогласен за ден на жалост.

Балашевиќ почина во петокот во Клиничкиот центар во Нови Сад на 68-годишна возраст од пневмонија предизвикана од коронавирусот.

Собири по повод смртта на Балашевиќ се одржаа низ цела Хрватска, во Сараево, Црна Гора и Македонија, но и во Белград и Нови Сад.

Пред околу десетина дена, Балашевиќ доби симптоми на пневмонија, а од средата беше во Клиничкиот центар на Војводина, каде почина на 19 февруари, само три месеци пред неговиот 68-ми роденден.