Бајрами: НБ е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим

Народната банка во наредниот период ќе продолжи со олабавената монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и задржување на стабилниот девизен курс на денарот.

Во интервју за МИА, ова го истакнува вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами, кој нагласува дека зад сите одлуки на Народната банка стои цел професионален тим.

– Народната банка е професионална институција со институционален капацитет којшто се градел и се гради во континуитет, што е предуслов за успешно извршување на законските цели и задачи. Зад сите одлуки на Народната банка стои цел тим со повеќегодишно искуство и експертиза. Ова е потврдено и преку оценките на релевантни меѓународни институции. Актуелната криза покажа дека Народната банка е подготвена за успешно и ефикасно функционирање и во најсложени услови и ситуации. Со навремени и соодветно осмислени мерки, во рамките на своите надлежности, Народната банка обезбеди соодветна поддршка за економијата и за граѓаните за полесно пребродување на предизвиците што ги наметна пандемијата, вели Бајрами.

Во интервјуто тој говори и за случајот со одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“, за невистините што се пласираат во јавноста во врска со работата на деловните банки и на Народната банка и нејзиното раководство, како и за негативните ефекти што може тие да ги имаат врз стабилноста на банкарскиот систем.