Загадувањето на воздухот е оружје за масовно уништување! Кој ракува со оружјето во Македонија?

Колку луѓето се свесни за загадувањето на воздухот?

Граѓаните се свесни за степенот на загадување на воздухот во државава, а можеме да видиме од сѐ почестите протести или петиции, зголемениот број на вести по медиумите, преку социјалните мрежи во кои граѓаните го потенцираат проблемот со загадувањето на воздухот, се повеќе и повеќе луѓе користат официјални податоци за квалитетот на воздухот или апликации на телефоните за да се информираат и да го заштитат своето здравје.

Кои категории на население се најмногу погодени?

Лошиот квалитет на воздухот е најштетен за чувствителните категории на населението, како што се бебињата, децата, бремените жени, хронични пациенти и лица чија изложеност на високо ниво на загадување на воздухот спаѓа во категоријата на професионална изложеност.

Ранливоста на овие категории на население, најмногу се рефлектира во бројот на хоспитализирани лица од респираторни или кардиоваскуларни болести, бројот на денови на ограничена активност или способност за работа на овие лица, бројот на денови со симптоми на бронхитис или астма, но и во бројот на предвремени смртни случаи.

Секој вид на обезбедување грижа и нега на овие пациенти претставува дополнителен, како личен, така и медицински трошок, а сметката за наплата оди на адреса на Буџетот и граѓанинот.

Кои се најголемите загадувачи на воздухот, дали е тоа начинот на греење на домовите, земјоделците, старите автомобили …?

Податоците се разликуваат од земја до земја. Факт е дека кај нас на патиштата има голем број застарени и дизел возила, дека урбаниот транспорт не ги исполнува условите и потребите на граѓаните, дека многу домаќинства не се поврзани со мрежата за централно греење и дека граѓаните најчесто горат дрво, јаглен или потешки загадувачи за затоплување на домовите и просториите каде што престојуваат.

Секако, заради фактот дека живееме во регион каде што имаме голем број на обработливо земјиште, се јавува и проблем со согорувањето на земјоделските култури, но и пожари кои често се резултат на овие активности. Земјоделството, индустриската и градежната машинерија, индустрискиот транспорт значително придонесуваат за вкупното загадување на воздухот.

Земјоделството е доминантен извор на емисии на метан на глобално ниво. Земјоделството е исто така извор на загадувачи кои произлегуваат од горење на земјоделскиот отпад, всушност, саѓите што се испуштаат со нецелосно согорување на фосилни горива содржат штетен „црн јаглерод“.

Земјоделците согоруваат остатоци од култури за да ја исчистат и да ја оплодат почвата. Сепак, ваквите практики испуштаат големи количини на штетни честички во воздухот. Локалните власти треба да им обезбедат на земјоделците капацитети за складирање на овој отпад, но секако, исто така, да се грижат за управување со истиот во согласност со пропишаните еколошки стандарди.

Колку се прави за да се подобри состојбата во овие сфери од секојдневниот живот?

Не се прави доволно. Потребни се повеќе стимулации и субвенции за граѓаните, на пример преку купување на нови генерации автомобили или зголемување на градската и меѓуградските транспортни мрежи, поврзување на домаќинствата на централното парно греење, зголемувањето на бројот пешачки зони и зелени места, повеќе велосипедски патеки итн, итн.

Прашањето за напредок во борбата со загадувањето не се гледа само преку секојдневниот живот на граѓаните и краткорочните мерки, туку преку стратешкиот пристап на властите во процесот на решавање на проблемот со загадувањето на воздухот и општо на животната средина.

Нема напредок само на хартија, со носење на стратегии, закони, акциски планови и други документи. Потребна е и нивна забрзана реализација. На колку големи индустриски загадувачи им е изречена забрана за вршење дејност, колку загадувачи се казнети, дали сите загадувачи имаат поставено филтри согласно законските стандарди? Мора да дадеме приоритет на заштита на здравјето на граѓаните и животната средина.

Република Македонија е една од деветте земји од Југоисточна Европа, кои го ратификуваа Договорот за основање на Енергетска Заедница и се обврзаа да ги имплементираат соодветните Правилата на ЕУ за енергија, животната средина и конкуренција.

Според договорот краен рок е до 2018 година за земјите од Западен Балкан да се усогласат со законодавството на Европската унија за контрола на загадувањето. До каде сме со ова усогласување уште не знаеме.

Во западен Балкан загадувањето предизвикува 3000 предвремени смртни случаи секоја година, 8000 случаи на бронхитис кај деца и други хронични заболувања кои ги чинат здравствените системи од 6,1 до 11,5 милијарди евра.

Европската комисија мора да даде приоритет на загадувањето и контролата на квалитетот на воздухот како дел од процесот на пристапување во ЕУ. Тогаш можеби повеќе би се ангажирале за да се справиме со проблемот со аеро-загадувањето.

На крајот, каква е иднината на Македонија ако продолжи вака?

Секоја ден во светот, едно дете умира од заболување предизвикано од загадениот воздух, а во исто време, десет возрасни умираат предвреме поради дишење на загаден воздух во текот на целиот живот – граѓаните на Македонија се дел од овие статистики. Но граѓаните на Македонија не сакаат да бидат дел од оваа статистика!

 

Б.С.