Нова турска инвестиција во Бунарџик, инвестиција вредна 12 милиони евра и 200 нови вработувања

Потпишан договорот со турската компанија „Пурпласт“ која отвара фабрика во Бунарџик.

Компанијата од автомобилскиот сектор за почеток ќе инвестира 5 милиони евра. Производствениот погон ќе почне со работа најдоцна до мај, а за почеток ќе бидат вработени 40 лица.

Најавите се дека за 5 години инвестицијата ќе достигне 12 милиони евра а ќе се вработат над 200 лица.

Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање на настанот ја поздрави одлуката на компанијата, која и покрај актуелната ситуација, одлучи да продолжи со реализација на својот проект, со што ја покажа довербата во економските политики на Владата на Република Северна Македонија и за позитивната деловна клима за инвестирање во земјата. Тој додаде дека е донесена правилна одлука, а Пурпласт ковид кризата ја препозна како можност со нови инвестиции во нови производствени линии да влезе во пост ковид периодот.

„Сакам да ја поздравам ажурноста на менаџментот на Пурпласт, кои досега веќе ја надминаа минималната сума на инвестиции предвидена во деловниот план, а која изнесуваше 4 милиони евра и инвестираа досега 5,1 милион евра во фабриката во Бунарџик, а за почеток се планира вработување на 40-50 лица. Се надевам декам ќе се остварат сите услови и дека развојните планови ќе продолжат, а тие предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно 215 работни места”, посочи Битиќи.