Против пет водечки светски технолошки компании „Тесла“, „Ејпл“, „Алфабет“, „Мајкрософт“ и „Дел технологии“ се води судска постапка, бидејќи се обвинети дека се одговорни за смртни случаи и сериозни повреди на деца во Африка, кои се принудени да работат во рудници за кобалт. Ова е првпат повеќе технолошки компании да се соочат со судска постапка поради вадење кобалт.

Судската постапката е поднесена во име на 14 семејства од Демократската Република Конго пред суд во Вашингтон, објави американската непрофитна организација „Меѓународни заговорници за право“. Компаниите се дел од системот на присилна работа што, според семејствата, резултирал со смрт и сериозни повреди на нивните деца.
Во судските документи имало фотографии на деца со деформирани раце и нозе, а некои биле и осакатени.

Шест од четиринаесет деца загинале при уривање на тунел, а други се здобиле со телесни повреди, вклучително и парализа, тврдат од „Меѓународни заговорници за право“.

Децата уште на само шест години биле принудени да го напуштат училиштето и да работат во вадење на кобалт во сопственост на британската рударска компанија „Гленкор“, поради екстремната сиромаштија на нивните семјества.

Дел од децата биле плаќани по 1,5 долар на ден, а работеле 6 дена во неделата.
Кобалтот е важна суровина за производство на литиумски батерии што се користат во производи од технолошката индустрија. Повеќе од половината од тој метал се вади во Конго.