Пензиските фондови се една од причините за растот на цената на биткоинот

Големите институционални инвеститори се повеќе инвестираат во крипто-валути.

Во изминатите три години, многу работи се променија на пазарот на криптовалути. Во повеќето земји, сега постои некаква форма на регулирање на пазарот на биткоин и на криптовалутите.

Ова резултираше со силен интерес кај традиционалните финансиски институции и инвеститори за инвестирање во биткоинот. Пред четири години извршниот директор на JPMorgan, најголемата банка во светот, гласно истакна дека биткоинот е измама, а потоа во мај 2020 година, JPMorgan отвори сметки во менувачниците на биткоини. Дополнително пред неколку дена објави анализа која предвидува дека цената на биткоинот на долг рок ќе достигне 146 000 долари.

Овој пресврт е дел од поширокиот тренд на прифаќање на биткоинот како легитимен инструмент за инвестиции што сега го придружува дури и најконзервативниот дел од финансиската заедница, а тоа се пензиските фондови.

Во последно време покрај хеџ фондовите и пензиските фондови инвестираат во биткоини.

Влезот на пензиски фондови во светот на криптовалутите е важна вест. Овие фондови се многу конзервативни инвеститори, така што нивната инвестиција во биткоин јасно сигнализира дека оваа криптовалута стана легитимен инструмент за инвестиции.