„Самоопределување“ убедлив победник на изборите во Косово

На предвремените парламентарни избори одржани во неделата на Косово, сигурно е дека победи Движењето Самоопределување, освојувајќи 48,17 проценти од гласовите врз основа на повеќе од 97 проценти од обработените гласови.

Според ЦИК околу 6 часот, Демократската партија на Косово освои 17,32 проценти, Демократскиот сојуз на Косово 13,18 проценти, Сојузот за иднината на Косово 7,40 проценти, Српската листа 5, 27 проценти и Социјалната Демократска иницијатива (НИСМА) со освоени 2, 59 проценти од гласовите.

Избирачките места беа затворени во 19 часот, а како што објави ЦИК, излезноста е 45,56 проценти.

Лидерот на Движењето Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти и неговиот коалициски партнер, Вјоса Османи, која е претседател на Косово, прогласија победа на предвремените парламентарни избори, кои ги нарекоа референдум.

Во своето прво обраќање по убедливата победа на изборите на кои Самоопределување освои околу 48 проценти од гласовите, Курти рече дека ова е невиден резултат во повоеното Косово.

„Оваа голема победа вечерва е само можност да ја започнеме промената што ја сакаме“, рече тој и додаде: „Ние нема да се одмаздиме на никого, но ќе бараме одговорност за сè и секаде. Значи правда без одмазда“.

Курти рече дека имаат многу работа со многу пречки.

„Без инает и реваншизам, без мито и даноци за деловно работење, без корупција и непотизам во администрацијата, со институционална и социјална правда, со индивидуална реципрочна одговорност, ќе ја развиеме и демократизираме нашата земја“, рече Курти.

Вјоса Османи, вршител на должноста претседател на Косово и кандидат за пратеник на листата на Самоопределување, рече дека на овие избори е постигнат историски резултат.

Таа рече дека новите институции ќе ја вратат довербата на граѓаните во политиката, дека ќе направат заминување од лошото од минатото и дека ќе бидат во служба на граѓаните.

„Нашата мисија останува да ја зајакнеме својата државност на патот кон евро-атлантските интеграции со вечно пријателство со Соединетите држави“, рече Османи.

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, објави дека листата ги освоила сите десет мандати на предвремените парламентарни избори, кои се гарантирани за српските претставници во Собранието на Косово.

Околу 65.000 луѓе излегоа на гласање во српските области на Косово, пет проценти повеќе отколку на последните избори, рече Ракиќ.