50 литарско буре со етил алкохол ја предизвикало синоќешната експлозија во битолската печатница „Киро Дандаро“, тврди директорот Драги Милошевски.
„Течноста се запали по краток спој на електричната инсталација, по што дошло до експлозија и пожар околу 22 часот. Нема повредени, а предизвикана е незначителна материјална штета“, рече за Телма Милошевски.
Работниците од трета смена се јавиле во противпожарната единица, а додека ги чекале да пристигнат, со противпожарни апарати сами го гаснеле огнот.
Од ТППЕ од Битола велат дека добиле дојава во 22,20 за пожар во печатницата Киро Дандаро и 2 возила со 6 пожарникари се упатиле кон објектот.
Интервенцијата траела неполни триесетина минути. Од експлозијата освен опожарениот магацин имало и искршени прозоррци на соседните простории, рече командирот на ТППЕ-Битола, Костадин Поповски.
Во Битола се запали печатницата што ги печати гласачките ливчиња