Гугл ќе плати 76 милиони долари на група француски медиуми поради спор за авторските права

Гугл се согласи да плати 76 милиони долари за три години на група француски медиуми по долготрајниот спор за авторските права, покажуваат документите на Ројтерс, пренесе Н1.

Двата документи вклучуваат рамковен договор во кој се наведува дека Гугл е подготвен да плати 22 милиони долари годишно на група од 121 национален и локален француски медиум, откако ќе потпише договори со нив поединечно.

Вториот документ е спогодба според која Гугл се согласи да плати 10 милиони долари на истата медиумска група во замена за откажување на сите тековни и идни тужби за авторски права во следните три години, колку што трае договорот.

Договорот беше постигнат откако Франција донесе нов закон за авторски права, како дел од поширокиот закон на Европската унија, за таканаречените „соседни права“.

Мерката ги принудува Гугл и другите големи Интернет платформи да преговараат со медиумите за да се договорат за плаќање на содржината што ја користат за нивните информативни услуги на Интернет, пишува Ројтерс.

Договорот беше осуден од други француски медиуми кои не се дел од зделката, тврдејќи дека тоа е тајно, нефер и не го почитува законот.