Го Сакам Водно и О2 Иницијатива од владата бараат итно стопирање на процесот на „заштита“ на Парк Шумата Водно

Ова барање беше доставено официјално до Владата, а истото е поддржано од вкупно 38 граѓански здруженија и иницијативи.

Целта на ова барање е само една: да се обезбеди сестрана интегрирана заштита на Парк Шумата Водно, се вели во соопштението од иницијаторите на иницијативата.

„Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, која бараме да се стопира, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти.

Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која НЕ дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн –  ВНАТРЕ во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на  нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!

Вистинската заштита на Водно која му е неопходна и е од највисок приоритет, произлегува од неговата примарно безбедносна функција во штитење на граѓаните и градот од ерозија и поројни поплави. Во изминативе 92 години, за Водно се направени многу проценки, изработени многу планови и студии, зошто Водно било голина која била опасност за жителите и градот кој растел и во етапи се пошумувал, за денес да е она што го знаеме.

Водно е специфично подрачје и неговата комплексна заштитата искажува неопходна потреба од вклучување на сета релевантна и научна експертиза и апсолвирање на сè она што е досега направено за заштита на и од Водно, како и целокупната документација и студиска анализа која што е правена со години наназад од секој аспект на користење, уживање и заштита на просторот.

Неопходен е интердисциплинарен пристап во планирањето и заштитата.

Историјата на Водно, не е така далечна, па со толкава леснотија да се заборави. Целата историја на Водно, напорите, а пред сè зачувувањето на безбедноста на граѓаните од поројните поплави и заштита од ерозија, се игнорирани. Минатото не смее да се потцени, ниту она што генерации пред нас го вложиле најпрво да го пошумат за да се спасат од заканите на тогашното голо Водно, а потоа и да го заштитат.

Поради законска неможност во минатото поинаку да се заштити, Водно претежно вештачки пошумено, сега повторно се третира само од аспект на биодиверзитет и свесно се продолжува со несоодветната заштита и после толку децении. Голем дел од она што се предлага е во колизија со останатите закони, зонирањето е несоодветно и со тоа се нарушува функционирањето на безбедносниот систем за градот и води кон намалување на безбедноста на граѓаните од природните непогоди, што е примарната функција на Водно.

Единствен начин на кој Водно вистински би се заштитил, од сите аспекти, и природни и од опасноста на ерозии и порои, и заштита на културното наследство, заштита од пожари, како простор за рекреација, воздушна бања на Скопјани, е да се изготви посебен Закон за Водно. Зонирањето во тој случај, наместо сегашното кое не го заштитува Водно, би било направено врз основа на сите изготвени студии и закони на сила за Водно, со што би се дефинирало точно кои активности каде се забранети и што е каде дозволено.

Од овие причини,

БАРАМЕ СТОПИРАЊЕ НА ПОСТАПКАВА ЗА НОСЕЊЕ НА ОВАА ОДЛУКА! Бидејќи Водно ќе остане БЕЗ ЗАШТИТА, заштита која му е вистински потребна и која никогаш не била прашање на БИОДИВЕРЗИТЕТОТ! Бараме да се донесе ПОСЕБЕН ЗАКОН ЗА ВОДНО, каде што аспектот на биодиверзитетот согласно Законот за Природата ќе биде ДЕЛ од ЗАШТИТАТА и сите аспекти ќе бидат интегрирани.

Очекуваме Владата да ги уважи нашите аргументи и да го стопира процесот за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, и итно да се пристапи кон изработка на посебен Закон за Водно, со формирање на експертска меѓуресорна комисија“, стои во барањето.