Потпишанa спогодбa со Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовац

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик претседателот на Владата Бујар Османи вчера остварија работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ. Поводот за средбата беше потпишувањето на три билатерални договори меѓу двете влади, кои се во интерес на граѓаните на двете држави, и тоа спогодба за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовац и договори за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.

„Граничниот премин Лојане-Миратовaц е проблем со кој жителите на двете села се борат скоро 20 години. Нашата работа започнува со отворање на заеднички граничен премин кој, за почеток, ќе функционира како Граничен премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите конечно ќе профункционира и како Заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај“, истакна министерот Спасовски.

„Станува збор за стара иницијатива која долги години не успеваше да се наметне како висок приоритет но, по Oхридскиот самит, каде со Претседателот Вучиќ презедовме обврска да го подигнеме приоритетот на овој проект, работите се одвиваат на забрзана лента“, истакна Османи, посочувајќи дека со овој проект се обезбедува директен линк за комуникација на жителите на Лојане и Миратовац и околните места, кои досега мораа да патуваат и по 40 километри за да комуницираат со местата кои им се оддалечени само 2 километри.

Министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ изрази задоволство што владите од двете земји обрнуваат посебно внимание на темите коишто се важни и ги олеснуваат животите на луѓето.