Расте цената на нафтата на светските пазари 

На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за над 6 проценти минатата недела и гo достигнаа  највисокoто ниво во една година, благодарение на дисциплината на ОПЕК во одржување на договорените нивоа на производство и очекувањата дека заздравувањето на економиите ќе ја зголеми побарувачката за „црно злато“.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за повеќе од 6 проценти, на 59,34 долари, близу до највисокото ниво од крајот на февруари минатата година.

На американскиот пазар, од друга страна, барелот порасна за скоро 9 проценти, на 56,85 долари, близу највисокото ниво од крајот на јануари минатата година.

Силниот пораст на цените на нафтата во најголем дел се должи на дисциплината на ОПЕК во спроведувањето договори за намалување на производството.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници минатата недела го продолжија договорот за намалување на производството, што го поддржа зголемувањето на цените минатата година, по големиот пад на почетокот на корона кризата.

ОПЕК и неговите сојузници веќе долго време го намалуваат производството за 7,2 милиони барели на ден на координиран начин за да одат во чекор со намалената побарувачка за време на пандемијата.

Претставници на ОПЕК минатата недела изјавија дека залихите на нафта во светот постепено опаѓаат и дека намаленото производство треба да го одржи пазарот во дефицит оваа година, и покрај намалената проценка на побарувачката.

Сепак, дури и оптимистите, како ОПЕК, не очекуваат побарувачката оваа година да се врати на нивото пред пандемијата.

Така, во првата недела од февруари цените на нафтата продолжија нагло да растат, откако скокнаа скоро за 8 проценти во јануари.

Цените на нафтата лани паднаа повеќе од 20 проценти поради кризата со коронавирусот.