Mинатата година биле одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит. Од вкупно одобрените субвенции, 203 се однесуваат на субвенционирање на ратата, а 75 се за субвенционирање на учеството. Според намената, 259 субвенции се одобрени за купување нов стан, додека 19 за куќа. Вкупниот износ на одобрени субвенционирани станбени кредити од страна на деловните банки изнесува 10.595.107 евра, за кои се одобрени субвенции во износ од 1.508.011 евра.
Што треба да знаете:
Граѓаните за овој проект аплицираат во една од овие осум банки: Тутунска банка, Стопанска банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, Стопанска банка – Битола, ТТК банка, Прокредит банка и Силк Роуд банка.
Ниските каматни стапки, субвенциите коишто изнесуваат и до 20 илјади евра, дополнителната субвенција на месечната рата за секое новородено дете, како и моделите за млади се причините за големиот интерес на апликанти за субвенциониран станбен кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“, информираат од Министерството за финансии.
Оние граѓани коишто ќе го изберат моделот за субвенција на месечната рата, при отплата на кредитот во првите три години им се пресметува каматна стапка од 2,9 проценти, во следните две години 3,9 проценти, а во останатиот период од отплатата каматната стапка не е поголема од онаа на станбените кредити коишто ги нуди банката каде што аплицирале.
За купување нов стан, граѓаните што имаат до или наполнети 35 години, добиваат субвенција што изнесува 70 проценти од месечната рата во период од пет години, или за кредит од 50 илјади евра, добиваат вкупно околу 12 илјади евра субвенција од државата. Граѓаните со наполнети 36 години или повеќе, првите пет години добиваат субвенција во износ од 50 проценти од месечната рата или приближно 8.500 евра.
Целиот текст прочитајте го на Пари.



