Над 70 заштитени сведоци ќе сведочат против Хашим Тачи

Се очекува 71 заштитен сведок да сведочи во Специјалниот суд во Хаг во случајот против водачите на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Нивните сведоштва нема да бидат прикажани на јавноста, како и нивните идентитети, пишуваат косовските медиуми.

Дејвид Хупер, адвокат на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, го оспорува начинот на кој Специјалниот суд постави 71 сведок во случајот против него и уште тројца обвинети.

Тој забележува дека судијата на претходна постапка не ги проценувал индивидуално околностите за секој сведок, туку дека одлуката ја донел во општа форма и се потпирал на „субјективниот страв воопшто во неосновани изјави“.

Овој аргумент на одбраната го оспори Специјализираното обвинителство, велејќи дека судијата индивидуално проценил дали откривањето на сведоците е дел од ризикот и дека адвокатот Хупер погрешно се повикал на наводните факти.

Според Хупер, таквата одлука на судијата на претходна постапка не го зела предвид принципот на пропорционалност на мерките за заштита на сведоците и со тоа значително се одрази врз можноста на одбраната ефикасно да ги испитува доказите пред судот.

Пред неколку дена судијата на претходна постапка се спротивстави на барањата на одбраната на Тачи, Весељи, Красниќи и Селими за привремено ослободување од притвор.