Месната индустрија бара да се вратат платежните картички „Купувам домашно“

За парите да бидат правилно насочени од месната индустрија бараат да се вратат платежните картички Купувам домашно. Поради кризата и намалената потрошувачка месните компании се соочуваат со вишоци на свежо свинско месо.

–Во претходните мерки луѓето имаа картички за купување домашни производи, а сега ги добиваат парите на сметки и ги користат за различни намени, што го разводни ефектот. Првичните ефекти од мерките можеби беа помали, но требаше да се продолжи во таа насока. Бараме Владата да ја стимулира домашната потрошувачка со мерката „Купувајте домашно“ преку издавање ваучери со стриктна намена, да се потрошат исклучиво за домашни производи – свежо месо и месни преработки, млеко и млечни преработки, рече денеска на прес-конфеернција претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо.

Од месната индустрија велат дека тие не бараат државата да помогне со вишокот месо кое се јавува на пазарот. И други години вишоци имало но тоа се случувало обично пред Велигден. Годинава алармот е вклучен многу порано, а производството е намалено за 20 отсто.

Сега се соочуваме со благо нарушување на пазарот нешто порано, што е резултат на неработењето на рестораните, хотелите, кафеаните, сите седат дома, намалена е потрошувачката. Оттука и апелот до Владата за промена на последниот сет мерки кој сметаме дека нема да даде резултат, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.