Германија нарачува Ковид вакцини за 2022 година

Германија нарачува вакцини за 2022 година во случај да бидат потребни повеќе дози за да се имунизира населението од коронавирусот, рече во саботата министерот за здравство Јенс Спан во услови на растечка фрустрација во Европа поради бавниот процес на вакцинација.

Говорејќи на форум на здравствени работници, Спан го бранеше напредокот постигнат во набавката на вакцините и вакцинацијата. Тој рече дека 2,3 милиони од вкупно 83 милиони луѓе во Германија веќе примиле доза од вакцината.

Европските влади беа мета на критики за проблемите со набавката на вакцините откако фармацевтските компании „АстраЗенека“, „Фајзер“ и „Модерна“ најавија испорака на намалена количина од вакцините токму кога се очекуваше да го зголемат производството.

Германија, најголемата економија во Европа, беше погодена од втора „блокада“ од ноември, и многумина завидно го следат побрзиот процес на вакцинирање во Велика Британија, Израел и САД.

„Сега, всушност, порачуваме нови вакцини за 2022 година, така што можеме барем да ги имаме при рака“, рече Спан. „Никој не знае дали ќе ни бидат потребни… Со проширување на производствениот капацитет, ќе нарачаме вакцини како мерка на претпазливост. Ако не ни требаат, добро, но ако ни се потребни, тогаш тие ќе ни бидат достапни“, додаде германскиот министер.

Баварскиот премиер Маркус Содер предложи нови правила кои ќe даваат на државата поголема моќ да ги насочи резервите на вакцини на оние на кои им е најпотребна.

Тој ги повика властите да размислат за одобрување на кинеските и руските вакцини за употреба во Европа.

Германските власти во саботата потврдија 13.321 новозаразени со коронавирусот и 794 смртни случаи.