Според верзијата на Јасна Мандиќ Ерцеговиќ која денеска доби известување од обвинителката Вилма Русковска дека за неа истрагата завршува денеска, таа била донесена во заблуда за старечките домови и не знаела за финансиската измама.
Според нејзиниот адвокат Душко Јанковиќ, Боки 13 ја довел во заблуда, не знаела дека се прават измами во проектите на Меѓународниот сојуз во кои според обвинителството оштетени се двајцата бизнисмени Силјан Мицевски од Пелистер и Ардија Амзоски во Дрим Билдинг.
Мандиќ била втор човек во невладината и една од најблиските соработнички на Бојан Јовановски. Нејзиниот потпис стои како координаторка на проектот со струшката градежна фирма Дрим Билдинг.
„Нејзиниот потпис го има во договорот со ‘Дрим билдинг’ и мислам дека и со ‘Пелистер’ бидејќи е координатор на проектот и дел од Меѓународен сојуз. Таму има повеќе имиња и презимиња кои се сведоци во постапката. Тоа е еден колегиум од пет особи од Меѓународниот сојуз кои потпишуваат.“ –рече Јанковиќ.
Почесната претседателка на Меѓународниот сојуз Фросина Ременски утре ќе дава исказ пред обвинителството.
До крајот на неделата обвинителството планира да ја заврши истрагата, со распитите на Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска.