Во Србија вакцинирани над 400 илјади граѓани, очекуваат нови испораки од вакцините против Ковид-19

Од почетокот на имунизацијата на 24 декември до 28 јануари, Србија вакцинираше повеќе од 401.500 граѓани со вакцините на Фајзер-БиоНТек, Спутник V и Синофарм, објавено е во четврток во Белград, а најавена е и испорака на уште два нови контингенти на вакцини.

„Утре ќе добиеме уште 40.000 вакцини на Спутник V, а во понеделник дополнителни 9.360 дози на Фајзер“, најави премиерот Ана Брнабиќ вчера, одговарајќи на пратенички прашања во српскиот парламент.

Имавме состанок со луѓето од COVAX, очекуваме вакцини од таа програма во февруари и се бориме за уште некои вакцини, додаде Брнабиќ, бидејќи минатата недела највисоките државни службеници изјавија дека Србија не примила ниту една доза од вакцините од програмата COVAX.

Брнабиќ изјави дека според бројот на вакцинирани граѓани на 100.000 жители, Србија е втора во Европа по Велика Британија, и седма во светот веднаш зад Соединетите држави.