Британската мутација на Ковид-19 потврдена и кај нас. Министерството за здравство попладнево информираше дека при анализа на податоци од позитивни ковид пациенти во месец јануари во приватна лабораторија, кај еден примерок е детектирана мутација на британскиот сој на вирусот СарсКов 2.
Станува збор за 46 годишен маж кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Инстистутот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.
Според информациите, тој првпат на 29 декември поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест кој се покажал позитивен. Истото се повторило и на 4 јануари кога веќе заминал на хоспитализација во приватната болница Жан Митрев во Скопје.
-Лабораторијата во болницата ’Жан Митрев‘ со посебна ПЦР-метода е утврдено дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата што ја проследија до нас, сите мутации што го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци што се анализирани во приватната лабораторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, велат од Министерството за здравство.
