Црна Гора одби донација од 10.000 вакцини од кинескиот производител Синофарм

Црногорската влада одби донација од 10.000 вакцини од кинескиот производител Синофарм, кои биле во сопственост на Универзална капитална банка Петрос Статис, а опозицијата ја нарече одлуката на владата политички мотивирана.

Вакцинацијата против коронавирусот сè уште не е започната во Црна Гора.

Владата, како што беше соопштено, ја одби донацијата на Статис, бидејќи „беше договорено секое купување на вакцината да поминува низ директни билатерални односи со производителите, односно со земјите од каде доаѓаат вакцините“.

„Секој друг вид набавка на вакцина или донација или кој било друг вид на пристигнување вакцина во Црна Гора бара дополнителна проверка, односно посебна претпазливост“, рече министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ, пренесува Н1.

Светската здравствена организација, како што истакна, предупреди дека секоја земја мора да биде многу внимателна кога станува збор за донирање вакцини преку некој друг алтернативен канал или пат.

„Имавме разни други понуди од овој вид за набавка на вакцини, но токму затоа што сакаме да се тестира, со висок квалитет, решивме вакцините да доаѓаат во Црна Гора преку директни врски и меѓународни билатерални договори“, рече таа.

„Статис“ понуди донација од 10.000 кинески вакцини „Синофарм“, а претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ја информираше јавноста за тоа.

Опозициските партии тврдат дека владата ја одбила донацијата на Статис од политички причини, особено затоа што побарала помош од Србија за набавка на вакцини. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, во неделата изјави дека и „министерот на Црна Гора“ го контактирал во врска со помошта за вакцините.

Министерkata повтори дека вакцинацијата во Црна Гора може да започне на почетокот на февруари. Таа рече дека потпишале договор со Синофарм за 150.000 вакцини, дека ќе добијат 50.000 дози руска вакцина и дека е потпишан договор за набавка на вакцината Фајзер / БиоНТек.