Седница на Влада во Куманово, министрите интензивно на терен во кумановскиот регион

Владата на Република Македонија денес својата редовна 171 седница ќе ја одржи во Куманово во 19 часот со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

Со оваа трета седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата, ќе претседава Претседателот на Владата Зоран Заев, и на неа ќе присуствуваат сите министри во владата, а како гости ќе учествуваат и градоначалниците од регионот.

Во пресрет на седницата во Куманово владините министри и функционери презентираа проекти што се реализирани во интерес на регионот како и ветувањата за понатамошни проекти.

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, беше во посета на Општата болница во Куманово, каде што се пушти во употреба новата медицинска опрема која за потребите на оваа здравствена установа ја обезбеди Министерството за здравство.

Станува збор за ендоскопски столб и видео ларингоскоп кои наоѓаат примена во интервенции на повеќе типови заболувања.

„ Наша придобивка е што истовремено, во две операциони сали ќе може да се вршат лапароскопски операции, наместо да се чека и еден апарат да се пренесува од една во друга операциона сала“, рече директорката на болницата д-р Снежана Захариева. Видео ларингоскопот е наменет за одделот за анестезија и реанимација. Се користи за полесно обезбедување на дишен пат кај пациенти под општа анестезија и кај животозагрозувачки пациенти со компромитирано дишење.

Во пресрет на владината седница, министерот Сугарески заедно со директорот на ЈП за државни патишта и градоначалникот на Општина Куманово, направија обиколка на инфраструктурните проекти што се реализираат во ресорот транспорт.

„Само во Куманово и кумановскиот регион инвестираме преку 80 милиони евра во реализација на крупни капитални проекти во патишта, железници и во изградба и реконструкција на канализации и водоводи кои треба да донесат економски развој во регионот, нови вработувања и подобар живот за граѓаните“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета во Куманово.

„Завршивме неколку патни правци многу значајни за овој регион,  исто така многу значаен правец кој ќе го почнеме идната година е патот до Страцин, инвестиција од 15 милиони евра. Понатаму инвестираме во изградба на железницата кон Бељаковце, инвестиција од 47 милиони евра. Сакам да информирам дека до крај на годината очекуваме ЕУ да ни одобрат неповратни средства за изградбата на заедничката железничка станица со Србија, која ќе се гради кај Табановце”, изјави Сугарески.