Пандемијата го зголеми јавниот долг во ЕУ, кај многу земји надмина 100 отсто од БДП-то

Јавниот долг, изразен како учество во БДП-то, се зголеми дополнително во ЕУ и еврозоната во третиот квартал од 2020-та година, како одраз на континуираните високи потреби за финансирање на земјите и економските последици од пандемијата на коронавирусот.

На ниво на ЕУ, јавниот долг изразен како учество во БДП-то се искачи на 89,9 проценти во третиот квартал од минатата година, од 87,7 проценти во претходните три месеци, објави Европското биро за статистика. Во третиот квартал од предпандемиската 2019-та година, тој изнесуваше 79,2 проценти.

Во еврозоната, долгот изразен со учеството во БДП-то се зголеми на крајот на септември 2020-та година на 97,3 проценти. На крајот на јуни, тој беше 95 проценти, а на крајот на септември 2019-та година беше 85,8 проценти.

Владите значително го зголемија задолжувањето во вториот квартал од минатата година со цел да ги ублажат економските последици од антипандемиските мерки, а зголемената потреба за финансирање се рефлектираше во податоците за третиот квартал, забележуваат европските статистичари. Бројките одразуваат силно зголемување на јавниот долг и пад на БДП-то, објаснуваат тие.

Највисокото ниво на долг изразено во учеството на БДП-то во периодот од јули до септември 2020-та година го забележа Грција, двојно повисоко од БДП-то. Вредноста на БДП-то е значително надмината во Италија, каде изнесуваше 154,2 проценти, како и во Португалија, со долгорочно учество во БДП-то од 130,8 проценти. Во Кипар, Франција, Шпанија и Белгија, тој беше за 10 до 20 проценти повисок од БДП-то.